Програмирањето често се поврзува со пишување код, развој на апликации и професии во технологијата. Но, неговото значење, особено кога се учи од мала возраст, е многу поголемо.
Како и математиката, логиката и другите науки кои бараат аналитичко размислување, програмирањето пред сè ги учи децата како да размислуваат.
Кога детето има идеја, но не знае како да ја реализира, треба да најде начин да ја претвори од нешто апстрактно во конкретни чекори. Треба да размислува логично, да пробува различни пристапи и да открие каде погрешило. Токму во тој процес лежи голем дел од вредноста на учењето програмирање - детето постепено усвојува нов начин на размислување и пристапување кон проблемите.
И токму тука се случува нешто многу важно. Не секогаш ќе успее од првпат. Особено кога за првпат почнува да пишува код, многу често кодот нема да работи, играта нема да се однесува како што замислило или решението едноставно нема да биде очигледно.
Наместо веднаш да се откаже, детето учи да застане, да размисли, да го пронајде проблемот и повторно да проба.
Со текот на времето, ова создава способност да се толерира фрустрацијата кога нешто е тешко и да се остане во процесот дури и кога решението не доаѓа веднаш. Детето учи дека грешката не значи дека не може, туку дека има нешто што треба повторно да се разгледа.
Програмирањето му дава на детето конкретни алатки за претворање на апстрактните идеи во јасни чекори кои водат до конкретно решение. Тоа е вештина која не е важна само во програмирањето. Истото размислување може да му помогне кога решава математички проблем, работи на училишен проект, учи нешто ново или се соочува со проблем во секојдневниот живот.
А можеби еден од најважните резултати е самодовербата и независноста.
Кога детето повеќепати ќе искуси дека нешто што првично изгледало тешко сепак може да го реши, постепено почнува повеќе да си верува. Дури и кога не знае веднаш од каде да почне, веќе има научено како да пристапи кон проблемот: да го раздели на помали делови, да проба, да погреши, да анализира и повторно да проба.
И токму тоа е искуство кое останува и надвор од часот по програмирање.
На тој начин, програмирањето не ги учи децата само како да напишат код. Ги учи да бидат истрајни, љубопитни и независни во размислувањето - и постепено да изградат уверување дека, дури и кога не го знаат решението, можат да најдат начин да стигнат до него.
