Roblox - повеќе од само уште една игра?

Roblox - повеќе од само уште една игра?

За најголем дел од родителите, Roblox е збор кој многу добро им е познат и кој го поврзуваат со нивните деца. Станува збор за една од најпопуларните платформи за игри, која децата ја обожаваат и на која поминуваат огромен дел од своето време играјќи различни игри.

Но, Roblox е многу повеќе од платформа на која само се играат игри. Тој е и огромна платформа за креирање, која им овозможува на корисниците да создаваат свои игри и виртуелни светови, да ги споделуваат и да ги играат со своите пријатели.

Токму тука доаѓа и едукативниот момент, особено кај децата.

Наместо само да бидат играчи, тие можат да станат креатори. Можат да замислат свој свет, да го изградат, да одлучат што ќе се случува во него и постепено да научат како нивните идеи да ги претворат во нешто што навистина функционира.

Roblox има своја развојна околина, позната како Roblox Studio, која е бесплатна и во која се креираат Roblox игрите. И токму преку неа децата, често без воопшто да чувствуваат дека „учат“, почнуваат да усвојуваат голем број различни знаења и вештини.

Учење низ игра и создавање

Кога детето започнува да создава сопствен свет, тоа не учи само како да постави некој објект на мапа.

Почнува да разбира простор, големина, растојание, позиција и насока. Разбира дека нешто може да биде поголемо или помало, поблиску или подалеку, повисоко или пониско. Постепено се запознава со разликата помеѓу 2D и 3D просторот и развива чувство за простор кое е многу корисно и надвор од самата игра.

Кога, на пример, треба да постави платформа точно на одредено место или да направи патека по која играчот ќе се движи, детето практично користи елементи од математика и геометрија – само што тие не му се претставени како класична математичка задача.

Наместо да решава задача на хартија, детето има конкретен проблем што сака да го реши во својот свет.

А кога ќе сака нешто да се случи само под одреден услов – на пример, врата да се отвори кога играчот ќе собере одреден предмет, или да помине некоја пречка – започнува да размислува логички:

Што треба да се случи? Кога треба да се случи? Што треба да провери играта?

Така, логиката и резонирањето постепено стануваат дел од самото создавање.

Од креирање светови до првите линии код

Ова природно го води детето и кон програмирањето.

Roblox е базиран на програмскиот јазик Lua, во кој се програмираат различните механики и функционалности во играта.

На почетокот, детето можеби само ќе напише неколку линии код за да направи некој објект да се движи, исчезне или да реагира на карактерот. Но, со секоја следна задача почнува да разбира дека зад секоја интеракција во играта стои одредена логика.

Се запознава со променливи, функции, услови, циклуси и други основни програмерски концепти.

И најинтересно е што веднаш го гледа резултатот од она што го напишало.

Ако кодот е правилен – механиката функционира.

Ако нешто не е правилно – играта нема да се однесува како што очекувало.

Тука природно доаѓа и концептот на debugging – пронаоѓање и поправање на грешките. Децата учат дека една погрешна буква, заграда или запирка може да биде доволна нешто да не функционира, но исто така учат како систематски да го пронајдат проблемот и да го поправат.

Тоа е многу повеќе од учење синтакса и кодирање. Тоа е учење како да се размислува кога нешто не функционира.

Вештини многу позначајни од Roblox

Токму затоа вредноста на ваквиот начин на учење не завршува со Roblox.

Додека детето гради, програмира, тестира и ги подобрува своите игри, тоа постепено развива универзални вештини кои подоцна може да ги користи во многу различни области.

Од општи компјутерски и дигитални вештини, до понапредно програмирање.

Од логика и математичко размислување, до решавање реални проблеми, планирање и резонирање.

Детето учи да ја подели една голема задача на помали чекори, да размислува што треба да направи прво, да го тестира резултатот и да се врати назад кога нешто не функционира.

Исто така учи дека не постои секогаш само едно решение.

Може да има идеја за тоа како сака да изгледа неговата игра, но треба само да открие како да стигне до неа.

Зошто Roblox е интересен и како едукативна алатка?

Roblox веќе со години се користи и во образовен контекст. Самата Roblox Education платформа денес има наставни материјали и програми за користење на Roblox за учење програмирање, дизајн, дигитални вештини, претприемништво и други области. Образовни организации ширум светот користат Roblox за учење преку креирање и игра.

Интересен пример е и Hour of Code, глобалната иницијатива за запознавање на децата со програмирањето, во која Roblox има свои активности преку кои учениците креираат игри и истовремено учат програмерски концепти.

Постојат и многу пошироки примени. На Roblox денес можат да се најдат едукативни искуства поврзани со математика, физика, хемија, историја, природни науки, роботика и други области. Roblox дури има и сопствен Learning Hub посветен на вакви искуства.

Ова покажува нешто важно: учењето преку игра веќе не е само интересна идеја – станува сè почест начин на кој децата можат да се запознаат со сложени концепти на интерактивен начин.

А најубавиот дел?

Можеби најубавото кај Roblox е тоа што детето најчесто не размислува:

„Сега учам математика.“
„Сега учам логика.“
„Сега учам програмирање.“

Тоа размислува:

„Сакам ова да функционира.“

И додека се обидува да го направи тоа, учи.

Непроценливи се изразите на нивните лица кога за првпат ќе видат дека можат да го телепортираат својот аватар, да направат пречка која исчезнува, да направат карактерот да пропадне или да креираат сопствена анимација.

Од учење како функционира 3D просторот и градење сопствен виртуелен свет, до пишување на првите линии код и решавање на првите програмерски грешки – Roblox им овозможува на децата да учат преку нешто што веќе им е интересно и забавно.

И можеби токму затоа преминот од „Не сакам да учам програмирање“ до „Сакам да направам своја игра“ може да биде многу помал отколку што изгледа.